1 Извештај за работењето на ЈКП Гази Баба 2007 за 2013 година
 2 Извештај за работењето на ЈКП Гази Баба 2007 за 2014 година
 3 Програма за јавна чистота за 2014 година
 4 Програма за водоснабдување за 2014 година
 5 Програма за јавна чистота за 2015 година
 6 Програма за водоснабдување за 2015 година
 7 Програма за јавна чистота за 2016 година
 8 Програма за водоснабдување за 2016 година
 9 Извештај за работењето на ЈКП Гази Баба 2007 за 2016 година
 10 Завршна сметка ЈКП Гази Баба 2007 за 2016 година
 11 Предлог програма за јавна чистота за 2017 година
 12 Предлог програма за водоснабдување за 2017 година
 13 Предлог програма за сезонци за 2017 година
 14 Извештај за работење ЈКП Гази Баба 2007 за 2017 година
 15 Завршна сметка ЈКП Гази Баба 2007 за 2017 година
 16 Предлог програма за јавна чистота за 2018 година
 17 Предлог програма за сезонци за 2018 година
 18 Програма за водоснабдување за 2018 година
 19 Тримесечен извештај 04_2018
 20 Динамика на активности на ЈКП Гази Баба 2007 – 2019 година
 21 Програма за одржување на јаван чистота – 2019 година
 22 Договор за услуги ОГБ - ЈКП Гази Баба 2007
 23 Одлука на совет за Договор за услуги на ОГБ и ЈКП Гази Баба 2007

 


ОПШТИНА ГАЗИ БАБА

 

 

 

С Т А Т У Т
НА ЈАВНОТО КОМУНАЛНО ПРЕТПРИЈАТИЕ
"ГАЗИ БАБА - 2007" - Скопје

 

 

 

Скопје, Ноември - 2007 година


 

Врз основа на член 19 став 2 точка 1 и член 29 од Законот за јавни претпријатија ("Службен весник на РМ" бр.38/96) член 1 и член 15 од Одлуката за основање на јавно комунално претпријатие на Општина Гази Баба бр.07-843/2 од 28.02.2007 година, Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие "ГАЗИ БАБА-2007"-Скопје на седницата одржана на ден 05.11. 2007 година, донесе

 

 

С Т А Т У Т
НА ЈАВНОТО КОМУНАЛНО ПРЕТПРИЈАТИЕ
"ГАЗИ БАБА-2007"-Скопје

 

 

I.ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Статут поблиску се уредуваат: организацијата, управувањето и раководењето со претпријатието, општите акти и постапката за нивно донесување, како и други прашања од значење за јавното претпријатие.

 

Член 2

Јавното комунално претпријатие "Гази Баба-2007"-Скопје (во понатамошниот текст, комунално претпријатие), се основа заради вршење на дејности од комуналната област кои се од јавен интерес од локално значење, а се сметаат за незаменлив услов за животот и работата на граѓаните на територијата на Општина Гази Баба.

 

Член 3

Комуналното претпријатие има својство на правно лице со своја жиро сметка, а за извршените и превземените обврски во правниот промет одговара со целокупниот свој имот.

 

II.ОСНОВАЊЕ

Член 4

Комуналното претпријатие со свој акт го основа Советот на Општина Гази Баба.

Претпријатието со Одлука на Советот на Општина Гази Баба бр.07-843/2 од 28.02.2007 година е организирано како Јавно претпријатие за вршење комунални дејности и истото со Решение бр. 30120070012359 од 20.09.2007 година е регистрирано во Централниот регистер на Република Македонија.

 

III.ДЕЈНОСТ

Член 5

Комуналното претпријатие дејностите за кои е основано ќе ги врши на руралното подрачје на Општина Гази Баба кое го опфаќа атарот на следните села и населени места: с.Брњарци, с.Булачани, с.Раштак, с.Инџиково, с.Јурумлери, с.Сингелиќ, с.Смилковци, с.Страчинци, с.Стајковци, с.Црешево, с.Трубарево, с.Виниче, с.Идризово, н.Нова Колонија и н.Гоце Делчев.

 

Член 6

Комуналното претпријатие во рамките на својот делокруг на работење ги врши следните дејности:

  1. Собирање, транспортирање и депонирање на комунален цврст отпад;

  2. Одржување на јавна чистота во населените места;

  3. Чистење на страничниот дел на улиците во населените места од секаков вид на комунален отпад;

  4. Одржување и користење на паркови и зеленила, парк-шуми, водни и рекреативни површини;

  5. Одржување на гробови, гробишта и давање на погребални услуги;

  6. Снабдување со вода за пиење, изведување, одржување и реконструкција на водоводната мрежа;

  7. Изведување, одржување и реконструкција на фекалната и атмосферската канализациона мрежа;

  8. Чистење на индивидуални септички јами;
  9. Изведување и одржување на јавно осветлување;
  10. Одржување и користење на пазари на големо и мало;
  11. Отстранување и чување на непрописно паркирани возила, ерадикација на животни скитници, украсување на населени места, дезинфекција, дератизација и слично, и
  12. Други дејности согласно со Закон.

 

Член 7

Комунално претпријатие може да врши промени преку:

  • проширување на дејноста;
  • воведување нови дејности;
  • укинување на одделни дејности;

За сите горенаведени промени одлучува Управниот одбор на претпријатието, по претходно добиена согласност од основачот.

 

IV.ФИРМА, СЕДИШТЕ, ПЕЧАТ, ШТЕМБИЛ И АМБЛЕМ

Член 8

Полното име на фирмата на претпријатието гласи:

Јавно комунално претпријатие "ГАЗИ БАБА-2007", Скопје, а

Скратената фирма гласи: ЈКП "ГАЗИ БАБА-2007", Скопје.

 

Член 9

Седиштето на комуналното претпријатие е во Скопје, на Бул."Александар Македонски" б.б.

 

Член 10

Комуналното претпријатие има свој печат, штембил и амблем.

Печатот има форма на круг со пречник од 32 мм, на кој со печатни букви на кирилица е испишана фермата и седиштето на претпријатието.

Штембилот на Комуналното претпријатие има правоаголна форма, на кој е испишана фирмата и седиштето на претпријатието.

Амблемот ја претставува дејноста на работењето на претпријатието.

 

Член 11

Начинот и употреба, ракувањето и чувањето на печатот и штембилот се регулирани со посебен закон и акт на претпријатието.

 

V.ОРГАНИ НА ПРЕТПРИЈАТИЕТО

Член 12

Органи на комуналното претпријатие се:

  • Управниот одбор;
  • Надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиското работење, и
  • Директорот.

 

 

а) Управен одбор

Член 13

Управниот одбор на комуналното претпријатие се состои од 5 члена.

Членовите на Управниот одбор ги именува и разрешува Советот на Општина Гази Баба.

Од членовите на Управниот одбор се избира претседател.

Мандатот на претседателот и членовите на Управниот одбор трае 4 (четири) години.

 

Член 14

Членот на Управниот одбор не може да има лично, преку трето лице и по било која основа, интереси во претпријатието кои можат да имаат било какво влијание на неговата независност и непристрасност во одлучувањето во комуналното претпријатие.

Секој член на Управниот одбор како и Директорот се должни да го предупредат основачот на постоењето на ваков интерес кај еден или повеќе членови на Управниот одбор.

Неспојливи се функцијата претседател и член на Управниот одбор на комуналното претпријатие со функциите претседател и член на Владата на РМ како и Градоначалникот на Општината.

 

Член 15

Управниот одбор на комуналното претпријатие ги има сите овластувања да презема мерки кои се потребни и корисни за работата на комуналното претпријатие во согласност со законот.

 

Член 16

Управниот одбор на комуналното претпријатие:

  1. Го донесува Статутот на комуналното претпријатие;
  2. Ги усвојува Програмата за работа и развој на комуналното претпријатие;
  3. Ја утврдува деловната политика;
  4. Ја усвојува годишната сметка и извештајот за работењето на комуналното претпријатие;
  5. Одлучува за употреба на средствата остварени со работењето на комуналното претпријатие и покривањето на загубите.
  6. Донесува одлуки за инвестициони вложувања;
  7. Ги утврдува цените на услугите и производите;
  8. Донесува деловник за работа на Управниот одбор;
  9. Одлучува за внатрешната организациона поставеност на комуналното претпријатие;
  10. Донесува Колективен договор;
  11. Донесува акти на ниво на комуналното претпријатие;
  12. Формира постојани и повремени комисии;
  13. Врши и други работи утврдени со закон и овој Статут.

 

Член 17

Управниот одбор може полноважно да работи и одлучува доколку се присутни повеќе од половината членови на Управниот одбор.

Одлуките на Управниот одбор се сметаат за донесени ако за нив гласале повеќе од половината на сите членови на Управниот одбор.

Секој член на Управниот одбор при гласањето има 1 (еден) глас.

 

Член 18

Управниот одбор одлуките ги донесува со јавно гласање.

Членовите на Управниот одбор можат со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови, да одлучи одделни одлуки да се донесуваат и со тајно гласање.

 

Член 19

На својата прва седница Управниот одбор избира претседател.

Претседателот на Управниот одбор ги врши особено следните работи:

  1. Ги свикува и раководи со седниците на Управниот одбор;
  2. Се грижи прашањата односно работите за кои одлучува Управниот одбор да бидат целосно разработении за нив да се донесат правилни одлуки;
  3. Ги потпишува одлуките на Управниот одбор и се грижи за нивно извршување;
  4. Врши и други работи одредени со закон, овој Статут и актите на претпријатието.

 

Член 20

Комуналното претпријатие не може на претседателот или член на Управниот одбор, на претседателот или член на Надзорниот одбор или на директорот на претпријатието да им дава заеми или гаранции на заеми кои тие ги склучиле со трети лица.

Превземената обврска спротивно на став 1 од овој член е ништовна и без правно дејство.

 

Член 21

Општината може да му даде на Управниот одбор на комуналното претпријатие насоки од општ карактер во поглед на вршењето на одделни работи од делокругот на Управниот одбор утврдени во членот 16 од овој Статут, а кои Општината смета дека се од нејзин интерес.

Насоките од општ карактер од ставот 1 на овој член не можат да се однесуваат на секојдневното управување со комуналното претпријатие.

 

Член 22

Начинот на работата на Управниот одбор се утврдува со посебен деловник што го донесува Управниот одбор.

 

Член 23

Основачот на комуналното претпријатие дава согласност на:

  1. Статутот на комуналното претпријатие;
  2. Статусните промени и организирањето на комуналното претпријатие;
  3. Преобразување на претпријатието во друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво;
  4. Актот за употреба на средствата остварени со работењето на комуналното претпријатие и покривање на загубите;
  5. Актот за задолжување на комуналното претпријатие;
  6. Актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите;
  7. Годишната сметка и Извештајот за работењето на комуналното претпријатие;
  8. Годишната инвестициона програма усогласена со вкупниот стопански развој.

 

Член 24

Основачот, вишокот на средствата остварени од работењето на комуналното претпријатие го вложува во комуналното претпријатие врз основа на детални финансиски планови.

Комуналното претпријатие е должно годишно да изработува детален финансиски план кој ќе ги содржи сите приходи и расходи како и инвестициите со динамиката на нивно реализирање.

 

б) Надзорен одбор за контрола на материјално финансиското работење

Член 25

За вршење контрола на материјално-финансиското работење на комуналното претпријатие се формира Надзорен одбор за контрола на материјално-финанското работење (во натамошниот текст: Надзорен одбор) од 5 (пет) члена.

Членовите на Надзорниот одбор ги именува, односно разрешува основачот.

За членови на Надзорниот одбор можат да се именуваат лица со високо образование кои поседуваат знаење и искуство особено од дејноста на финансиското и сметководственото работење.

Времетраењето на мандатот на членовите на Надзорниот одбор не може да биде подолг од четири години.

 

Член 26

Надзорниот одбор може да врши испитување на лице место на сите документи и списи на комуналното претпријатие, а задолжително ги прегледува годишните сметки и извештајот за работа и по прегледот дава свое мислење до Управниот одбор.

Управниот одбор не може да ги усвои годишните сметки и извештајот за работењето на комуналното претпријатие, ако претходно не добие позитивно мислење од Надзорниот одбор.

Членовите на Надзорниот одбор можат да присуствуваат на седницата на Управниот одбор и им се доставува покана со сите материјали што им се доставуваат на членовите на Управниот одбор.

Надзорниот одбор задолжително се состанува најмалку четири пати годишно.

 

в) Директор

Член 27

Со работата на комуналното претпријатие раководи директор, што го избира односно разрешува Градоначалникот на Општината.

Директорот се избира со мандат од 4 (четири) години.

 

Член 28

Градоначалникот донесува одлука за распишување на јавен конкурс за избор на директор.

Покрај општите услови предвидени со закон, кандидатот за директор треба да ги исполнува и следните посебни услови:

  1. Да има завршено висока стручна спрема (ВСС) –ВИИ степен;
  2. Да има 5 (пет) години работно искуство.

Пристигнатите документи ги прегледува тричлена комисија избрана од Градоначалникот и во рок од 8 (осум) дена по истекот на рокот на конкурсот, целокупната документација ја доставува до Градоначалникот.

Градоначалникот во рок од 15 дена од денот на доставувањето на документацијата од ставот 3 на овој член, донесува одлука за избор на директор.

Ако со распишаниот конкурс не се избере директор, Градоначалникот во рок од пет дена од денот на истекот на рокот од став 4 на овој член именува вршител на должноста директор до именување на директор по распишан конкурс, но не подолго од шест месеци.

 

Член 29

Директорот на комуналното претпријатие:

  • го организира и раководи со процесот на работењето;
  • го обезбедува спроведувањето на одлуките и заклучоците на Управниот одбор;
  • учествува во спроведувањето на основите на програмата за работа и развој;
  • учествува во утврдувањето на критериуми за користење и располагање со средствата и употребата на средствата остварени со работењето на комуналното претпријатие;
  • врши усогласување на деловната активност на комуналното претпријатие;
  • го застапува комуналното претпријатие спрема трети лица, пред судски и други органи и дава полномоштва на други лица;
  • донесува одлука за потребите од нови вработувања;
  • донесува одлука за распишување оглас за вработување на работници;
  • врши избор на пријавените кандидати по огласот и склучува договори за вработување;
  • донесува одлука за престанок на договорите за вработување по разни основи согласно Законот и Колективниот договор;
  • донесува наредби, издава налози за извршување на одредени работи во комуналното претпријатие;
  • се грижи за информирањето на работниците;
  • учествува во работата на Управниот одбор без право на глас и дава мислење и предлози во врска со конкретни прашања, и
  • врши и други работи утврдени со закон и овој Статут.

 

Член 30

Директорот склучува договор со Грдоначалникот на Општината за уредување на односите со комуналното претпријатие, во кој поединечно се утврдуваат правата, одговорностите и овластувањата согласно со закон.

 

Член 31

Директорот е должен секој шест месеци да доставува извештај за работата на комуналното претпријатие до Градоначалникот на Општината.

Во извештајот од став 1 на овој член директорот е должен особено да достави податоци за видот и обемот на работите извршени при обавување на дејноста на комуналното претпријатие, како и податоци за финансиското работење.

Ако од извештајот за работа се утврдат недостатоци или загуби во финансиското работење, директорот е должен да ги отстрани во наредните шест месеци.

 

Член 32

Директорот на комуналното претпријатие се разрешува пред истекот на мандатот, во следните случаи:

  • на негово барање;
  • ако настане некоја од причините поради кои според прописите за работни односи му престанува работниот однос согласно со закон;
  • ако не работи и постапува според законот, статутот и актите на комуналното претпријатие, или не ги спроведува одлуките на Управниот одбор или постапува во спротивност со нив;
  • ако со својата несовесна и неправилна работа предизвика штета на комуналното претпријатие;
  • ако ги занемарува или не ги извршува обврските и со тоа ќе настанат нарушувања во вршењето на дејностите од јавен интерес на комуналното претпријатие;
  • ако не достави извештај согласно член 31 став 1 од овој Статут;
  • ако и по истекот на рокот определен во членот 31 став 3 од овој Статут не ги отстрани недостатоците или и во тој рок повторно има недостатоци или загуби во финансиското работење.

Градоначалникот на Општината во случаите од ставот 1 на овој член ќе донесе одлука за разрешување на директорот.

До изборот на нов директор, Градоначалникот на Општината во рок од 5 (пет) дена од донесувањето на одлуката од ставот 2 на овој член, иманува вршител на должноста на комуналното претпријатие, но не подолго од шест месеци.

 

Член 33

Директорот, членовите на Управниот и членовите на Надзорниот одбор, ако извршат односно донесат одлука за која знаеле или за која со оглед на околностите, морале да знаат дека ги повредуваат интересите на комуналното претпријатие, одговораат неограничено и солидарно за штетата настаната со таква одлука. Одговорноста се утврдува согласно со одредбите од Законот за трговските друштва кои се однесуваат на органите на управување.

 

Член 34

Одредбите од член 14 став 1 и 2 на овој Статут се применуваат и на директорот и на членовите на Надзорниот одбор на комуналното претпријатие.

 

Член 35

Директорот на комуналното претпријатие за својата работа одговара пред Градоначалникот на Општината.

Директорот може да определи вработен кој во негово отсуство ќе го заменува и ќе го води тековното работење на комуналното работење.

 

Член 36

Директорот на комуналното претпријатие како свое советодавно тело формира Стручен колегиум кој претставува советодавен, стручен и оперативен орган.

Колегиумот го свикува и со истиот раководи директорот на претпријатието.

 

VI.ОРГАНИЗАЦИОНА ПОСТАВЕНОСТ НА ПРЕТПРИЈАТИЕТО

Член 37

Вработените во комуналното претпријатие имаат положба, права и обврски од работнот однос како и вработените во друштвата, согласно со Законот за работни односи и Колективен договор.

Внатрешната организација на работењето претставува единствена и неделива целина.

Во комуналното претпријатие не се основаат подружници.

Конкретната организациона поставеност на комуналното претпријатие ќе се утврди со Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места.

 

Член 38

Комуналното претпријатие во правниот промет со трети лица истепува во свое име и за своја сметка.

За обврските во правниот промет одговара со целокупниот свој имот.

Комуналното претпријатие го води материјално финансиското работење според финансиските и сметководствени прописи и стандарди за трговските друштва.

 

VII.ОСТВАРУВАЊЕ И ЗАШТИТА НА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС ВО КОМУНАЛНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ

Член 39

Во случај на нарушување на работењето, односно вршењето на дејноста на комуналното претпријатие или ако комуналното претпријатие не ги извршува со Закон утврдените обврски, а што не е последица на неизвршувањето на обврските од страна на основачот утврдени со актот за основање, основачот може да презема мерки со кои се обезбедуваат услови за непречено работење на комуанлното претпријатие.

 

Член 40

Под нарушување на работењето се подразбира:

  • необезбедување вршење на дејноста на комуналното претпријатие;
  • необезбедување остварување на програмата за работа и развој (со што им се нанесува или може да се нанесе штета на корисниците на услугите;
  • промена на основната намена на средствата на комуналното претпријатие, и
  • промена на основните услови за работењето на комуналното претпријатие.

 

Член 41

Во случај на нарушување на работењето, спрема комуналното претпријатие, основачот може да ги превземе следните мерки:

  1. Да го разреши Управниот одбор;
  2. Да го разреши Надзорниот одбор;
  3. Да ја промени организацијата на комуналното претпријатие;
  4. Да го запре од извршување актот на комуналното претпријатие кој е спротивен на Законот;
  5. Да го запре од извршување актот на комуналното претпријатие ако го доведува во прашање остварувањето на основните функции на комуналното претпријатие.
  6. Други мерки утврдени со посебен Закон со кој се уредуваат условите и начинот на вршење на одделна дејност од јавен интерес.

 

Член 42

Ако биде преземена мерката од точката 2 од членот 41 од овој Статут, основачот ги пренесува овластувањата на Управниот одбор на еден или повеќе претставници кој се именуваат со мандат од најмногу шест месеци.

 

VIII.АКТИ НА КОМУНАЛНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ

Член 43

Освен Статутот, во комуналното претпријатие се донесуваат и следните општи акти:

  • Деловник за работа на Управниот одбор;
  • Правилник за внатрешна организација и систематизација на работните места;
  • Колективен договор;
  • Правилник за заштита при работа;
  • Други акти.

Актите мора да бидат во согласност со Статутот, законите и подзаконските прописи.

Сите општи акти на комуналното претпријатие стапуваат во сила осмиот ден од денот на нивното објавување.

 

IX.ИНФОРМИРАЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ

Член 44

Управниот одбор и директорот се одговорни за редовно, вистинито информирање на работниците за севкупното работење на комуналното претпријатие, како и за други прашања кои произлегуваат од процесот на работењето.

Вработените во локалната самоуправа односно основачот, непосредно за работата на комуналното претпријатие се информираат преку членовите на Управниот одбор.

Работниците се информираат и преку огласната табла на комуналното претпријатие и други средства за информирање.

 

X.ДЕЛОВНА ТАЈНА

Член 45

Работниците во комуналното претпријатие не смеат да ги искористат за своја сопствена употреба или да ги предадат на трето лице податоците што се сметаат за деловна тајна кои им биле доверени или со кои биле запознаени на друг начин.

Работниците се одговорни за издавање на деловна тајна, ако знаеле или би морале да знаат за таквото својство на податоците.

Со посебен акт на комуналното претпријатие се утврдува кои податоци имаат карактер на деловна тајна.

 

XI.СИНДИКАЛНА ОРГАНИЗИРАНОСТ

Член 46

Комуналното претпријатие е должно да создаде услови за активноста на синдикатот во врска со заштитата на правата на работниците од работниот однос, утврдени со Закон и Колективен договор.

Активноста на Синдикатот не може да се ограничи со одлука на органите на комуналното претпријатие.

 

Член 47

На барање на Синдикатот, комуналното претпријатие му доставува податоци и информации за оние прашања што имаат непосредно влијание на материјалната и социјалната положба на работниците.

 

Член 48

Синдикатот може да дава мислење и предлози во постапката на донесување на одлуки и решенија што имаат битно влијание на материјалната и социјалната положба на работниците, а органите на комуналното претпријатие се должни да ги разгледуваат мислењата и предлозите во присуство на претставник на Синдикатот.

Синдикатот дава мислења и предлози во постапката за утврдување одговорност на работниците за сторени повреди на работните обврски и ги застапува работниците пред надлежните органи на комуналното претпријатие.

 

Член 49

Комуналното претпријатие е должно да обезбеди просторни, стручни, административни и технички услови за работа на Синдикатот, за остварување на синдикалните функции и уплата на членарина во договор со надлежните органи на комуналното претпријатие.

 

Член 50

Комуналното претпријатие е должно на синдикалниот претставник да му овозможи платено отсуство од работа заради ефикасно вршење на функциите на синдикатот и синдикално образование и оспособување.

Претставникот на синдикалната организација не може да биде повикан на одговорност ниту доведен во понеповолна положба, вклучувајќи го и неговото отпуштање од работа, поради синдикални активности со кои се штитат правата и интересите на работниците, за цело времетраење на мандатот и два години по истекот на мандатот, доколку постапувал во согласност со Законот и Колективниот договор.

 

Член 51

Синдикалниот претставник не може:

  • да биде упатен на привремен принуден одмор;
  • да биде распореден на друго работно место без негова согласност и согласност на синдикалната организација, и
  • да биде прогласен како технолошки вишок.

 

Член 52

На член на Синдикатот кој е избран или именуван на синдикална функција а чие вршење бара привремено да престане да работи во комуналното претпријатие, му мирува работниот однос и има право во рок од пет дена по престанувањето на функцијата што ја вршел, да се врати на работа за вршење на работи кои одговараат на неговиот степен на стручна подготовка.

 

XII.ШТРАЈК

Член 53

Работниците во комуналното претпријатие имаат право на штрајк.

Штрајкот го организира и води Синдикатот на работниците, односно штрајковачкиот одбор.

Правото на штрајк се остварува на начин и под услови утврдени со Закон и Колективен договор.

 

Член 54

Штрајковачкиот одбор и работниците штрајкувачи ги имаат следните обврски:

  • штрајкот да го организираат и водат на начин со кој ќе обезбедат физичка сигурност на работниците и заштита на опремата и инсталациите;
  • извршување на обврските спрема граѓаните, правните лица и држаните органи;
  • обезбедување неопходно ниво на процесот на работа со кое нема да се загрози животот, здравјето, економската и социјална сигурност на граѓаните и неопходното одвивање на други дејности во земјата, во обем и на начинот утврдени со законот од соодветната дејност од јавен интерес, и
  • извршување на меѓународни договори.

 

XIII.ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 55

Овој Статут го донесува Управниот одбор на комуналното претпријатие.

Статутот се смета за донесен ако за истиот гласале повеќе од половината од сите членови на Управниот одбор.

 

Член 56

Сите акти на комуналното претпријатие ќе се усогласат со овој Статут во рок од 6 (шест) месеци од неговото стапување во сила.

 

Член 57

Измените и дополнувањата на овој Статут ќе ги врши Управниот одбор на начин и постапка како и при негото донесување.

Толкувања на одредбите на овој Статут дава Управниот одбор.

 

Член 58

Овој Статут стапува во сила и ќе се применува осмиот ден од добивањето на согласност од основачот.

 






 

УПРАВЕН ОДБОР
ПРЕТСЕДАТЕЛ

_________________________
Тоде Спасовски