|
Врз основа на Членовите 3, 7 и 36, став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа ("Службен весник на РМ" бр. 5/02), Советот на Општината "ГАЗИ БАБА" на Дванаесеттата седница одржана на 14.03.2006 година, донесе
С Т А Т У Т
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1 Општината ГАЗИ БАБА е основана и нејзиното подрачје е утврдено со Законот за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија („Службен весник на РМ„ бр. 55/04).
Член 2 Со овој статут на Општината ГАЗИ БАБА (во натамошниот текст: Општината), во согласност со закон, се уредуваат: -организацијата и работата на органите на Општината; -организацијата и работењето на комисиите на Советот на Општината; -вршењето на работите согласно начелото на супсидијарност; -начинот на информирање на граѓаните и слободниот пристап до информации од јавен карактер; -случаите на исклучување на јавноста од седниците на Советот на Општината; -начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на Општината и постапување по нив; -начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните; -начинот на објавувањето на прописите на Советот; -начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба, во вонредна состојба, во кризна состојба и во заштита и спасување; -месната самоуправа; -начинот и постапката за утврдување на грбот и знамето на Општината; -како и други прашања од значење за Општината.
Член 3 Определени прашања сврзани со остварувањето на надлежностите, процедурите за работа и одлучување во Советот на Општината, поблиску се уредуваат со деловник на Советот на Општината (во натамошниот текст: деловник). Деловникот го донесува Советот на Општината (во натамошниот текст: Совет), со мнозинство гласови од вкупниот број Членови на Советот.
Член 4 Општината е правно лице.
Член 5 Седиштето на Општина ГАЗИ БАБА е во Скопје на Булевар "Александар Македонски" бб.
Член 6 Општината има право на сопственост.
Член 7 Општината има свој грб и знаме кои се уредуваат со Одлука на Советот на Општината.
Член 8 "Општината Гази Баба има свој печат. Печатот на Општината Гази Баба има форма на круг со пречник од 30 мм., во чија средина се наоѓа грбот на ОпШтината, околу него во горната половина на кругот е впишан текстот Република Македонија, а на долната половина на кругот е впишан текстот Скопје. На горната половина на кругот, под текстот Република Македонија е впишан текстот Општина Гази Баба. Текстот на печатот е на Македонски јазик и неговото кирилско писмо. Печатот што го има Општината, го употребуваат Советот на Општината, Градоначалникот и Општинската администрација на Општината Гази Баба".
Член 9 "Општината Гази Баба има свој празник. Празник на Општината е 3-ти Ноември, денот на првото конституирање на Општината".
Член 10 Општината Членува во Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија.
Член 11 Во вршењето на своите надлежности, Општината може меѓусебно да соработува со другите општини. Заради остварување на заеднички интереси и вршење на заеднички работи од надлежност на Општините, Општината може со другите Општини да здружува средства и да формира заеднички јавни служби, во согласност со Закон. Со цел за извршување на одделни надлежности, Општината може исто така со другите општини да формира заеднички административни тела во одредени области, во согласност со Закон. Општината може да соработува и со единиците на локалната самоуправа на други земји, како и со меѓународни организации на локалните заедници, како и да Членува во меѓународни организации на локалните власти. ОРГАНИЗАЦИЈА И РАБОТЕЊЕ НА ОРГАНИТЕ НА ОПШТИНАТА Органи на Општината
Член 12 Органи на Општината се:
Член 13 Конститурањето на Советот, се врши со верификација на мандатите на Членовите на Советот избрани на начин утврден со закон и со давање и потпишување на свечената изјава со содржина утврдена со закон. Верификацијата на мандатите на Членовите на Советот се врши на првата конститутивна седница на Советот, по предлог на Верификационата комисија што се формира на почетокот на седницата од редот на новоизбраните Членови на Советот. Верификацијата на мандатите на Членовите на Советот кои не биле присутни на првата седница на Советот, ја врши Советот на првата седница на која што тие ќе присуствуваат.
Член 14 Постапката за верификација на мандатите на Членовите на Советот поблиску се уредува со Деловникот. Права и должности на Членовите на Советот
Член 15 Членот на Советот има права и должности утврдени со закон и со овој Статут. Членот на Советот се стекнува со своите права и должности по верификацијата на мандатот и давање и потпишување на свечената изјава.
Член 16 Членот на Советот има право и должност: да предлага претресување на прашања, појави и состојби што се од локално значење, како и од значење за граѓаните во Општината; да дава иницијативи за донесување на одлуки и други акти од надлежност на Советот, како и да предлага амандмани, на начин и по постапка предвидени во Деловникот; да бара од администрацијата на Општината (во натамошниот текст: администрација), како и од јавните служби, установи и претпријатија и од други институции, основани од Општината, податоци и други информации за прашања од нивниот делокруг, а што му се потребни за неговата работа во Советот; да бара и добие стручна помош во изработувањето на предлози што тој му ги поднесува на Советот, во поставувањето на советнички прашања и во вршењето на други работи што му ги доверил Советот, односно комисија во која Членува; да ги чува како тајна податоците, кои се класифицирани како такви, што ќе ги дознае на седница на Советот или на комисија. Членот на Советот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Советот на Општината.
Член 17 Членот на Советот има право да присуствува и учествува во работата на седница на комисија на Советот, иако не е Член на комисијата, но без право на одлучување.
Член 18 Членот на Советот кој од оправдани причини е спречен да присуствува на седници на Советот и на комисија чиј Член е, должен е за тоа благовремено да го извести претседателот на Советот и претседателот на комисијата. Членот на Советот кој од оправдани причини подолго време е спречен да присуствува на седници на Советот и на комисија чиј Член е, има право да побара од Советот одобрение за отсуствување од седниците. По барањето од ставот 2 на овој Член, Советот одлучува без претрес. в) Претседател на Советот
Член 19 Претседателот на Советот го избира Советот со јавно гласање, со мнозинство гласови од вкупниот број Членовите на Советот. Предлог за претседател на Советот може да даде секој Член на Советот. Изборот на претседател на Советот може да се изврши и со тајно гласање, доколку за таков предлог на Член на Советот одлучи Советот со мнозинство од присутните Членови на Советот. Постапката за избор на претседател на Советот се уредува со Деловникот. г) Начин на работа
Член 20 Советот работи на редовни седници, а по потреба може да одржува свечени и вонредни седници.
Член 21 Денот, часот и местото на одржување на редовна седница на Советот, како и предлогот на дневниот ред по кој ќе се работи на седницата се објавуваат на огласна табла на Општината. Претседателот на Советот може да одлучи денот, часот и местото на одржување на седницата на Советот, како и предлогот на дневниот ред да се објават во средствата за јавно информирање.
Член 22 Советот одржува свечени седници за одбележување на значајни историски настани, а може да одржува свечени седници и за ислушување на говори на наши и странски државници, претставници на меѓународни организации и истакнати граѓани на странски држави како гости на Општината.
Член 23 Вонредна седница се свикува за прашања од значење за безбедноста и сигурноста на граѓаните и во случаи на вонредни околности. Вонредна седница на Советот свикува претседателот на Советот по сопствена иницијатива или на барање од најмалку 1/3 од Членовите на Советот или на предлог на градоначалникот. Поканата за вонредна седница заедно со предлогот на дневен ред на Членовите на Советот им се доставува на најбрз можен начин. Пред отпочнувањето со работа на седницата, Членовите на Советот гласаат за оправданоста на причините за свикување на вонредна седница, без претрес и со мнозинство од присутните Членови на Советот.
Член 24 Во случај на спреченост или отсутност на претседателот на Советот, на седницата претседава најстариот Член на Советот.
Член 25 Советот може да одлучи со мнозинство гласови од вкупниот број Членови на Советот, гласањето по определени прашања да биде тајно.
Член 26 Свикувањето на седниците на Советот, утврдувањето на дневниот ред, текот на седницата, записниците, постапката за донесување на акти и други прашања сврзани со работата на Советот, поблиску се уредуваат со Деловникот. 2. Градоначалник
Член 27 Градоначалникот ги врши своите надлежностите во рамките утврдени со закон и овој Статут.
Член 28 Градоначалникот присуствува и учествува во работата на седниците на Советот, а по потреба и на седниците на комисиите на Советот и посебните тела на Општината, без право на одлучување. Градоначалникот може да определи и свои претставници кои присуствуваат и учествуваат во работата на седниците на Советот, неговите комисии и посебните тела на Општината.
Член 29 Градоначалникот редовно го известува Советот за извршувањето на своите надлежности во согласност со Статутот.
Член 30 Градоначалникот обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на Општината. Градоначалникот управува со сопственоста на Општината од јавен интерес и како добар домаќин. Градоначалникот е должен, во управувањето со сопственоста на Општината, да презема мерки и да го обезбедува користењето, одржувањето и заштитата на сопственоста на Општината во согласност со закон.
Член 31 Градоначалникот соработува со градоначалниците на другите општини по прашања од заеднички интерес од надлежност на општините.
Член 32 Новоизбраниот градоначалник ја презема должноста од претходниот градоначалник во рок од седум дена од денот на изборот. Градоначалникот ја врши професионално својата функција. За време на вршењето на функцијата, градоначалникот не може да врши друга професионална дејност. Градоначалникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење во Советот. Градоначалникот со решение определува кој од Членовите на Советот ќе го заменува во случај на спреченост или отсуство, согласно закон. За настанувањето на спреченост или отсуство, градоначалникот го известува претседателот на Советот и Членот на советот кој ќе го заменува. На Членот на Советот му мирува функцијата Член на Советот за времето кога го заменува градоначалникот. Претседателот на Советот не може да го заменува градоначалникот. Платата и надоместоците на градоначалникот, како и надоместокот за Членот на Советот кој го заменува градоначалникот се уредува со закон.
Член 33 а) Секретар Градоначалникот на Општината од редот на раководните државни службеници од Општинската администрација именува секретар на Општината. Мандатот на Секретарот на Општината трае колку и мандатот на Градоначалникот. 3. Посебни тела на Општината а) Комисија за односи меѓу заедниците
Член 34 Во Општината се формира Комисија за односи меѓу заедниците (во натамошниот текст: Комисија). Комисијата ја сочинуваат по (1) еден претставник на заедниците кои се застапени во Општината, со мандат од 4 (четири) години. Членовите на Комисијата не може да се избираат од редот на Членовите на Советот.
Член 35 Одлука за формирање на Комисијата донесува Советот, на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања. Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања го составува предлогот од став 1 на овој Член по претходно добиени предлози на политичките партии застапени во Советот.
Член 36 Комисијата од редот на своите Членови избира претседател, со мнозинство гласови од вкупниот број Членови на Комисијата, со јавно гласање.
Член 37 Комисијата работи на седници. Седниците ги свикува и со нив раководи претседателот на Комисијата. Комисијата може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број Членови на Комисијата. Комисијата одлучува со мнозинството од вкупниот број Членови на Комисијата. На седниците на Комисијата може да присуствуваат и учествуваат во работата, градоначалникот на Општината и претседателот на Советот, без право на одлучување. б) Совет за заштита на потрошувачите
Член 38 Во Општината се формира Совет за заштита на потрошувачите. Советот за заштита на потрошувачите е составен од 9 Членови, претставници на поголемите групи на корисници на јавните услуги во општината. Членовите на Советот за заштита на потрошувачите не може да се избираат од редот на Членовите на Советот на Општината.
Член 39 Одлука за формирање на Советот за заштита на потрошувачите донесува Советот на Општината, на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања. Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања го составува предлогот од став 1 на овој Член по претходно добиени предлози на облиците на месна самоуправа во Општината.
Член 40 Советот за заштита на потрошувачите од редот на своите Членови избира претседател, со мнозинство гласови од вкупниот број Членови на Советот за заштита на потрошувачите, со јавно гласило
Член 41 Советот за заштита на потрошувачите работи на седници. Седниците по правило се јавни. Седниците ги свикува и со нив раководи претседателот на Советот за заштита на потрошувачите. Советот за заштита на потрошувачите може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број Членови на Советот за заштита на потрошувачите. Советот за заштита на потрошувачите одлучува со мнозинството од вкупниот број Членови на Советот за заштита на потрошувачите. На седниците на Советот за заштита на потрошувачите можат да присуствуваат и учествуваат во работата градоначалникот и претседателот на Советот на Општината, без право на одлучување.
Член 42 Советот за заштита на потрошувачите разгледува прашања и утврдува предлози кои што се однесуваат на квалитетот на услугите на јавните служби на Општината, а особено: ја следи состојбата на давањето на услуги од јавните служби; се грижи за решавање на проблемите што граѓаните ги имаат при користење на услугите од претпријатијата и установите што вршат јавни услуги; се грижи за унапредување на односот на вработените кај давателите на услуги кон корисниците на услугите; организира јавни трибини и други форми на учество на граѓаните на кои ќе се расправа за унапредување на заштитата на потрошувачите. За согледаните, односно констатираните состојби, насоки, иницијативи и сугестии го информира Советот на Општината и Градоначалникот. в) Партиципативно тело од областа на урбанизмот
Член 43 Во Општината се формира партиципативно тело од областа на урбанизмот (совет, одбор), заради пренесување на ставовите и мислењата на граѓаните и правните лица во процесот на урбанистичкото планирање, како и заради следење на состојбите и давање иницијативи, насоки и сугестии во процесот на планирање и изготвување плански решенија за Општината. Партиципативното тело од областа на урбанизмот се состои од 9 Членови.
Член 44 Одлука за формирање на партиципативно тело од областа на урбанизмот донесува Советот, на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања. Членовите на Партиципативно тело од областа на урбанизмот се избираат: од редот на Членовите на Советот; по предлог на облиците на месна самоуправа; по предлог на здруженијата на граѓани; здруженија на стручни лица од областа на урбанизмот и од општинската администрација.
Член 45 Партиципативно тело од областа на урбанизмот од редот на своите Членови избира претседател, со мнозинство гласови од вкупниот број Членови на партиципативното тело, со јавно гласање.
Член 46 Партиципативното тело од областа на урбанизмот работи на седници. Седниците по правило се јавни. Седниците ги свикува и со нив раководи претседателот на Партиципативно тело од областа на урбанизмот. Партиципативното тело од областа на урбанизмот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број Членови. Партиципативното тело од областа на урбанизмот одлучува со мнозинството од вкупниот број Членови. За согледаните, односно констатираните состојби, насоки, иницијативи и сугестии го информира Советот на Општината и Градоначалникот. На седниците можат да присуствуваат и учествуваат во работата градоначалникот, претседателот на Советот и претседателот на Комисијата за урбанизам, комунални работи, сообраќај и заштита на животната средина без право на одлучување.
III. ОРГАНИЗАЦИЈА И РАБОТЕЊЕ НА КОМИСИИТЕ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНАТА
1. Комисии на Советот
Член 47 За разгледување на прашања и утврдување предлози од одредена област, Советот од својот состав може да формира постојани и повремени комисии. Составот на комисиите соодветствува на пропорционалната застапеност на политичките партии во Советот.
Член 48 Постојани комисии на Советот се: Комисија за мандатни прашања, избори и именувања, Статутарно правна комисија Комисија за програмирање на работата на Советот на Општина Гази Баба. Комисија за финансии и буџет Комисија за урбанизам, комунални работи, сообраќај и заштита на животната средина. Комисија за општествени дејности. Комисија за месна самоуправа. Комисија за одбележување на празници и манифестации и доделување награди и признанија. Комисија за локален економски развој Комисија за земјоделие. Комисија за култура, спорт и рекреација. Комисија за родова еднаквост. Комисија за негување и чување на традициите на Македонскиот народ, Заедниците и Македонската држава и заштита на историските споменици и спомен обележја. Делокругот на работата на комисиите од став 1 на овој Член се определува со деловник на Советот. Советот може да формира и други постојани и повремени комисии, чиј состав и делокруг на работа се определува со актот за нивното формирање. 2. Состав, избор и начин на работа на комисиите
Член 49 Комисиите на Советот се состојат од претседател и минимум 4 Члена.
Член 50 Избор на претседател и Членови на комисија на Советот се врши на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања. Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања го дава предлогот од став 1 на овој Член врз основа на претходно доставени предлози на политичките партии застапени во Советот, при што води сметка за примена на принципот за нивна пропорционална застапеност во комисиите, имајќи го предвид вкупниот број на комисиите на Советот. Изборот на претседател и Членови на комисија се врши со мнозинство од присутните Членови на Советот.
Член 51 Предлог за разрешување на претседател и Членови на комисија може да даде самата комисија, Комисијата за мандани прашања, избори и именувања, најмалку 3 (три) Членови на Советот и претседателот на Советот. По предлогот за разрешување одлучува Советот, со јавно гласање, со мнозинство на присутните Членови на Советот.
Член 52 Избор заради промена на поодделен Член на комисија се врши на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, при што не може да се наруши принципот на пропорционална застапеност на партиите во комисиите.
Член 53 Комисијата работи на седници и расправа по материјали доставени од овластен предлагач. Дневниот ред на седницата на комисијата се утврдува на почетокот на седницата.
Член 54 Комисијата може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството Членови на комисијата. Комисијата одлучува со мнозинство гласови на присутните Членови.
Член 55 Комисијата поднесува писмен извештај или предлог на Советот, и може да определи свој известител, кој по налог на комисијата или по барање на Советот, на седницата на Советот ќе го образложи ставот или предлогот на комисијата.
Член 56 На седницата на комисијата задолжително присуствува претставник на предлагачот на материјалот што се разгледува. Претставникот на предлагачот има право на седницата на комисијата да учествува во разгледувањето на предлогот што го поднел.
Член 57 Комисијата има право од предлагачот да бара известување, појаснување, како и други податоци што и се потребни за работа, а со кои предлагачот располага или е должен да ги собира и евидентира.
Член 58 На седниците на комисијата може да присуствуваат и да учествуваат претставници на органи, организации, заедници и здруженија, како и научни, стручни и јавни работници, заради изнесување на нивни мислења по прашањата што се разгледуваат на седницата на комисијата. Поканата до лицата од ставот 1, ја доставува претседателот на комисијата.
IV. ВРШЕЊЕ НА РАБОТИ СПОРЕД НАЧЕЛОТО НА СУПСИДИЈАРНОСТ
Член 59 Општината, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, има право на своето подрачје да спроведува иницијативи во врска со сите прашања од значење за Општината, што не се исклучени од нејзина надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт. Определувањето на работите од став 1 на овој Член, дефинирањето на нивната содржина, начинот и постапката на нивното вршење се уредуваат со посебни одлуки на Советот, по предлог на градоначалникот.
Член 60 Општината може да доделува награди. Наградите се доделуваат како знак на признание за постигнати остварувања што претставуваат посебен придонес за развој на Општината и за нејзиниот севкупен напредок и афирмација во областа на економскиот развој, науката, уметноста, културата, образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други области.
Член 61 Наградата може да се доделува на физички и правни лица од Општината, Градот Скопје, Републиката и од други држави, како и на меѓународни организации и асоцијации или нивни претставници.
Член 62 Советот формира одбор за доделување на наградата. Работата на одборот поблиску се уредува со одлука на Советот на Општината. Средства за наградата и за работа на одборот се обезбедуваат од Буџетот на Општината и од други извори на приходи.
Член 63 Општината може да востановува други награди и признанија.
V. ИНФОРМИРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ И СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР
а) Информирање на граѓаните
Член 64 Органите на Општината, комисиите на Советот на Општината и јавните претпријатија и установи основани од Општината ги информираат граѓаните за одлуките и своите активности кои се од непосредно значење за животот и работата на граѓаните во Општината и за други информации од јавен интерес. Граѓаните се информираат за: прописите кои ги донесува Советот на Општината; начинот и условите за остварување на нивните права; обврските на граѓаните кои произлегуваат од надлежност на Општината; плановите, проектите и програмите кои се во подготовка а се од значење за развојот на Општината; услугите кои ги добиваат од јавните служби и Општинската администрација и начинот на нивно добивање; приходите кои се остваруваат во Општината и начинот на нивна распределба и трошење; јавните набавки; именувањето на директори и претставници во управните одбори на јавните претпријатија и установи; други информации кои произлегуваат од надлежноста на органите на Општината и јавните претпријатија и установи во согласност со закон.
Член 65 Информирањето на граѓаните се врши редовно, без надоместок, преку: издавање службен гласник на Општината; издавање и дистрибуција до граѓаните на месечни информативни билтени, весник и слично; објавување на публикации; информативни канцеларии водени од општинската администрација и јавните служби основани од Општината; огласни табли (во простории на Општината, јавните претпријатија и установи, месната самоуправа); веб сајт; јавни трибини; средствата за јавно информирање и на друг соодветен начин кој е најповолен за информирање на јавноста.
Член 66 Информирањето на граѓаните се врши на Македонски јазик и кирилско писмо. Советот на Општината со посебна одлука може да утврди за одредени информации да се информира и на јазикот кој не е службен јазик во Општината, а го зборуваат дел од жителите на Општината. б) Слободен пристап до информациите од јавен карактер
Член 67 Во Општината се обезбедува правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кои располагаат органите на Општината (Советот и градоначалникот), јавните претпријатија и установи основани од Општината и правни и физички лица кои вршат јавни овластувања доверени од Општината (во натамошниот текст: иматели на информации). По исклучок, во случаи утврдени со закон, правото на слободен пристап до некои информации со кои располагаат имателите на информации од став 1 на овој Член, може да биде ограничен или да се обезбеди делумен пристап.
Член 68 За информации со кои располагаат и до кои се обезбедува слободен пристап, имателите на информации востановуваат и водат листа на информации која се објавува на начин кој е достапен за барателите на информации. За листата на информации и условите и начинот на слободен пристап до информациите, граѓаните се известуваат преку огласна табла или на друг погоден начин. Имателите на информации се должни редовно на секои три месеци да ја ажурираат листата на информации од јавен карактер со кои располагаат. Листата на информации од јавен карактер за органите на Општината ја предлага градоначалникот, а ја утврдува Советот. Листата на информации од јавен карактер за јавните претпријатија и установи основани од Општината ја утврдува управниот одбор на предлог на директорот.
Член 69 Постапката за остварување на правото на слободен пристап до информации се остварува во согласност со закон. Градоначалникот на Општината создава услови и презема мерки пропишани со закон, за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат Советот на Општината и администрацијата. Директорот на јавното претпријатие и јавната установа основана од Општината создава услови и презема мерки пропишани со закон, за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат согласно статутот на претпријатието и установата.
Член 70 Слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат имателите на информации имаат сите правни и физички лица (во натамошниот текст: барател на информацијата). Слободниот пристап до информации се остварува во законски утврдениот рок: со увид во документите со кои располага имателот на информацијата; со добивање препис, фотокопија или електронски запис од документите со кои располага имателот на информацијата. Имателот на информацијата за посредување при остварување на правото на слободен пристап до информациите определува службено лице.
Член 71 Барателот на информацијата за извршениот увид или добиениот препис, фотокопија од електронски запис на информацијата, плаќа соодветен надоместок во висина на материјалните трошоци, утврдени на начин уреден со закон. Барателот на информацијата при поднесувањето на барањето се известува за плаќањето и висината на соодветниот надоместок.
Член 72 Барателот на информација има право на жалба до надлежниот орган за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер доколку имателот на информацијата не ја достави бараната информација.
Член 73 Советот на Општината усвојува годишен извештај за остварувањето на правото на слободен пристап до информациите во минатата година во Општината. Годишниот извештај за остварувањето на слободен пристап до информации го подготвува градоначалникот на Општината и го доставува до Советот, најдоцна до 31 јануари во тековната година. Извештајот од став 1 на овој Член ги содржи и податоците за остварениот слободен пристап до информациите со кои располагаат и јавните служби кои ги формира Општината. Извештајот од ставот 1, по усвојувањето се доставува до надлежниот орган за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.
VI. ИСКЛУЧУВАЊЕ НА ЈАВНОСТА ОД СЕДНИЦИТЕ НА СОВЕТОТ
Член 74 Советот може да работи без присуство на јавноста само во случаи определени со закон и овој статут, како и кога тоа ќе го предложат градоначалникот, претседателот на Советот или најмалку 1/3 (третина) Членови на Советот. Исклучувањето на јавноста може да се бара, кога прашањето за кое се расправа има допирни точки со јавниот морал; кога може да ги загрози интересите на определена личност или има допирни точки со одбраната и сигурноста на граѓаните. По предлогот од став 1 на овој Член, Советот одлучува без претрес, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број Членови на Советот.
VII. ОБЛИЦИ НА УЧЕСТВО НА ГРАЃАНИТЕ
Член 75 Граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење преку граѓанска иницијатива, собири на граѓани и референдум, на начин и постапка утврдени со закон.
VIII. ПРЕТСТАВКИ И ПРЕДЛОЗИ
Член 76 Физичките и правните лица имаат право да поднесуваат претставки и предлози што се однесуваат на работата на органите на Општината и администрацијата.
Член 77 Претставките и предлозите се поднесуваат во писмена форма или усно на записник пред овластено лице во администрацијата. За претставките и предлозите не се плаќа такса.
Член 78 Подносителот не смее да трпи штетни последици поради поднесувањето претставка или предлог, ниту поради тоа може да биде повикан на одговорност.
Член 79 Градоначалникот, во зависност од содржината на претставката, односно предлогот овластува еден или повеќе службеници да постапат по претставката, односно предлогот. Постапувањето по претставката, односно предлогот опфаќа прибирање на податоци, известувања и мислења за околностите што се од значење за правилно оценување на основаноста на претставката или за оправданоста на предлогот, како и преземање на потребни мерки за отстранување на евентуална повреда на правото на подносителот или повреда на јавен интерес.
Член 80 Градоначалникот е должен во што е можно покус рок, а најдоцна во рок од 60 дена од денот на приемот на претставката, односно предлогот, на подносителот да му достави одговор.
IX. ЈАВНИ ТРИБИНИ, АНКЕТИ И ПРЕДЛОЗИ ОД ГРАЃАНИТЕ
Член 81 Органите на Општината, заради утврдување политика во определена област, преземање мерки за разрешување на прашања и проблеми од значење за граѓаните од подрачјето на Општината, како и при предлагање на одредени акти од своја надлежност може да организираат јавна трибина, да спроведат анкета или да прибираат предлози од граѓаните. Видот, постапката, начинот и времето на организирање на формите на непосредно учество на граѓаните од став 1 на овој Член се уредува со акт на органот што ја организира. За организирањето јавна трибина, спроведувањето анкета и прибирањето предлози од граѓаните се објавувава соопштение во средствата за јавно информирање, во кое се назначува видот, целта, предметот и други податоци важни за организирање на соодветната форма на непосредно учество на граѓаните и се повикуваат заинтересираните за учество во истите. Организирањето јавна трибина, спроведувањето анкета и прибирањето предлози од граѓаните, може да се врши во соработка со други општини и со облиците на месна самоуправа. За јавната трибина, анкетата или предлозите на граѓаните се изготвува извештај.
Член 82 При организирање јавна трибина, спроведување анкета и прибирање предлози од граѓаните ќе се обезбеди: текст на документот или нацрт на одлука и друг општ акт објавен на погоден начин за да им биде достапен на граѓаните и на други заинтересирани субјекти; собирање и разгледување на мислењата и предлозите што биле изнесени и изготвување на извештај.
Член 83 Начинот и постапката на организирањето јавна трибина, спроведувањето анкета и прибирањето предлози од граѓаните се уредува со Деловникот.
X. ИЗВРШУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ ОД ОБЛАСТА НА ОДБРАНАТА ВО ВОЕНА СОСТОЈБА, ВО ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, ВО КРИЗНА СОСТОЈБА И ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ
Член 84 Во воена вонредна и кризна состојба, органите на Општината: продолжуваат да ги извршуваат работите утврдени со закон и преземаат мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра на своето подрачје од воени разурнувања, природни непогоди и други несреќи и од последиците предизвикани од нив. Општината се подготвува за извршување на обврските од став 1 на овој Член преку: планирање и организирање на мерките за заштита и спасување за свои потреби; формирање единици и штабови за цивилна заштита, во согласност со закон и прописи засновани на закон; обучување за одбрана, односно вклучување во активности за стекнување на неопходни воено-стручни и други знаења за учество во одбраната; преземање мерки, активности и постапки за заштита и чување на тајноста на податоците, информациите и документите од областа на одбраната, во согласност со закон и прописи засновани на закон; координација и соработка со другите општините.
XI. НАЧИН НА ОБЈАВУВАЊЕ НА ПРОПИСИТЕ НА СОВЕТОТ
Член 85 Прописите на Советот се објавуваат во службеното гласило на Општината, пред да влезат во сила, со Решение од Градоначалникот. Службено гласило на Општината е "Службен гласник на Општина Гази Баба". Во службеното гласило на Општината може да се објавуваат и прописите на други општини.
Член 86 Прописите на Советот влегуваат во сила, осмиот ден од денот на објавувањето во "Службен гласник на Општина Гази Баба", а по исклучок што го утврдува Советот, најрано со денот на објавувањето. Прописите на Советот можат да влезат во сила и во покус рок од осум дена ако: причините поради кои се предлага донесувањето на прописот и целите што се сака да се постигнат со неговото донесување се од итен и неодложен карактер; не создаваат материјални обврски за граѓаните и правните лица; прашањата што се регулираат се од сферата на одбраната, заштитата и спасувањето и сл.; тоа го налагаат начелата на целисходност, рационалност, ефикасност, економичност, оперативност и сл.
XII. МЕСНА САМОУПРАВА
Член 87 Граѓаните во општината одлучуваат за работите од непосредно и секојдневно значење од својот живот и работа и преку облици на месна самоуправа кои можат да ги основаат согласно со овој Статут.
Член 88 Во општината како облици на месна самоуправа можат да се основаат: -во градот - урбани заедници; -во населените места - месни заедници.
Член 89 Подрачјето за кое се основаат урбаните заедници се границите на урбаните единици утврдени со урбанистичкиот план на градот. Подрачјето за кое се основаат месните заедници се границите на катастарските општини на населените места.
Член 90 Иницијатива за основање облици на месна самоуправа можат да покренат најмалку 10 % од граѓаните со право на глас, жители на подрачјето за кои има интерес за основање на облик на месна самоуправа.
Член 91 Иницијативата за основање содржи: подносител, опис на подрачјето за кое се бара основање на обликот на месна самоуправа, образложение на потребите за основање и потпис на заинтересираните граѓани.
Член 92 Одлуката за основање на облик на месна самоуправа се донесува на Собир на граѓани од соодветното подрачје со право на глас, по пат на јавно гласање со мнозинство гласови од присутните граѓани. Собирот на граѓани од претходниот став на овој Член го свикува градоначалникот на општината, во рок од 15 дена од денот на донесувањето на одлуката.
Член 93 Граѓаните преку облиците на месна самоуправа, во согласност со овој Статут и одлуките за основање се грижат за: -решавање на прашања од комунална инфрастрктура за соодветното подрачје; -одржување на објектите од јавен интерес (водоводи, улици, културни домови, спортски објекти и др.); -заштита на животната средина и природата; -уредување и одржување на гробиштата во селските населби; -покренување иницијатива за уредување на просторот; -организирање културни, спортски, забавни и други манифестации; и -други работи од непосредно секојдневно значење за животот и работата на граѓаните. Советот на облиците на месната самоуправа дава иницијативи и предлози до надлежните органи на општината, за прашања од областа на образованието, здравството, социјалната заштита и други прашања од интерес на граѓаните.
Член 94 Работите од Членот 93 на овој Статут се финансираат од: -средствата што општината ќе им ги одстапи на облиците на месна самоуправа согласно со плановите и програмите за нивниот развој; -средства што граѓаните непосредно ги здружуваат; -средства што ќе ги издвојат заинтересираните правни и физички лица; -средства од надомест на услуги; и -подароци и други средства. Прибирањето и трошењето на средствата од ставот 1 се врши преку буџетот на Општината.
Член 95 Орган на облиците на месна самоуправа е Советот. Советот на облиците на месна самоуправа го избираат граѓаните на обликот на месната самоуправа на собир на граѓани со јавно гласање, доколку Собирот не одлучи гласањето да биде тајно . Советот на облиците на месна самоуправа е составен од 5 (пет) до 11 (единаесет) Члена. Мандатот на Членовите на Советот на месната самоуправа трае 4 (четри) години.
Член 96 Одлука за распишување на избори за Членови на Советот на облиците на месна самоуправа донесува Советот во стариот состав, најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот. Ако Одлуката од став 1 на овој Член не се донесе во утврдениот рок Одлука за распишување за избор на Членови на Советот на облиците на месната самоуправа, донесува Собирот на граѓани.
Член 97 Предлагање и утврдување на кандидати за Членови на Советот на облиците на месна самоуправа се врши на Собир на граѓани, доколку присуствуваат најмалку 3 % за урбани заедници и 5% за месни заедници од граѓаните со право на глас, жители на соодветната урбана односно месна заедница. За утврдени се сметаат кандидати кои добиле мнозинство, односно најголем број гласови од присутните граѓани на собирот.
Член 98 Постапка за предлагање, утврдување и избор на Членови на Советот на облиците на месна самоуправа поблиску се уредува со правилата за работа на обликот на месна самоуправа, донесени од Советот на општината, во рок од 60 (шеесет) дена од денот на донесувањето на Статутот на Општината.
Член 99 За избрани Членови на Советот на облиците на месна самоуправа се сметаат кандидатите кои добиле мнозинство односно најголем број на гласови од избирачите кои гласале.
Член 100 Советот на облиците на месна самоуправа од редот на своите Членови избира претседател кој го претставува и застапува обликот на месната самоуправа.
Член 101 Градоначалникот на општината, со решение може да делегира вршење на определена работа од непосреден интерес и секојдневно значење за животот и работата на жителите. Средствата потребни за извршување на работите, од ставот 1 на овој Член се утврдуваат во решението за делегирање на надлежноста. Со решението се определува органот и начинот на вршење на надзор над извршувањето на работите од ставот 1 на овој Член.
Член 102 Општинската администрација ги врши стручните, административно-техничките и сметководствено финансиските работи на органот во обликот на месната самоуправа. Контрола над трошењето на средствата што ќе бидат пренесени за извршување на делегираните надлежности врши општинската администрација.
Член 103 Општината води евиденција на облиците на месна самоуправа основани на нејзиното подрачје.
XIII. НАЧИН И ПОСТАПКА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И УТВРДУВАЊЕ НА ГРБОТ И ЗНАМЕТО
Член 104 Иницијатива за изменување на грбот и знамето на Општината Гази Баба можат да поднесат минимум 1/2 од вкупниот број на Членови на Советот или Градоначалникот. Советот, постапувајќи по иницијативата од став 1 на овој Член, може со одлука да ја утврди оправданоста од изменување на грбот и знамето на Општината, како и да се пристапи кон почнување на постапка за нивно изменување. Одлуката од став 1 на овој Член Советот ја донесува со мнозинство гласови од присутните Членови на Советот. Во случај на неприфаќање на иницијативата од став 1 на овој Член, нова иницијатива за изменување на грбот и знамето на Општината не може да се поднесе пред истек на време од 1 (една) година од денот на одржувањето на седницата на Советот на која не е прифатена иницијативата.
Член 105 За изменување на грбот и знамето на Општината Гази Баба, Советот распишува конкурс за идејно решение и образува комисија.
Член 106 Комисијата од пристигнатите трудови по објавениот конкурс утврдува предлог за грб односно знаме и го доставува до Советот на усвојување.
Член 107 Советот одлучува по предлогот на комисијата со мнозинство гласови од вкупниот број на Членови на Советот.
XIV. ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА СТАТУТОТ
Член 108 Иницијатива за изменување и дополнување на Статутот на Општината може да поднесе Член на Советот, комисија на Советот, Градоначалникот и најмалку 10% од граѓаните со право на глас, жители на подрачјето на Општината. По иницијативата за изменување и дополнување на Статутот одлучува Советот.
Член 109 По прифаќањето на иницијативата за изменување и дополнување на Статутот, градоначалникот изготвува предлог на статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот.
XV. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 110 Имателите на информации од Членот 67 на овој статут се должни во рок од шест месеци од денот на донесувањето на овој статут да ја донесат и објават листата на информации од Членот 68 на овој статут.
Член 111 Градоначалникот на Општината во рок од три месеци од денот на донесувањето на овој статут, согласно актот за организација на општинската администрација, ќе распореди државен службеник од администрацијата кој ќе ги извршува работите на посредување при остварувањето на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Член 112 Во рок од 3 месеци од денот на влегување во сила на овој статут, Општината ќе ги воведе во евиденција постојните облици на месна самоуправа, основани во согласност со статутот на Општината.
Член 113 Со влегување во сила на овој статут престанува да важи Статутот на Општината Гази Баба бр.09-441/6 од 24.09.1997 година ("Службен гласник на Град Скопје", бр. 11/97).
Член 114 Овој статут влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во "Службен гласник на Општина Гази Баба".
|




